Добредојдовте

Охрид


Охрид е град во кој се пее, каде што се слуша музика и во неа се ужива. Град во кој живеат луѓе кои знаат што е уметност, и со уметност ја осмислуваат својата околина и својот живот. Горди на својата долга традиција на хорското пеење чекориме кон нашата музичка иднина.

Добредојдовте на нашиот веб сајт.

На овој сајт освен податоци за Охридскиот хор во поглавјата Галерија и Настапи вклучени се и информации поврзани со младинскиот хор при ОСУ „Св. Климент Охридски“ и хорот од центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид. Ова е направено од практични причини поради големата поврзаност на овие хорови кои ги раководи г-динот Александар Димоски, но и од финансиски и организациски олеснувања.


За хорот

Охридскиот хор е формиран 2003 година на иницијатива од Александар Димоски и група хористи од гимназискиот хор во Охрид. Водени од желбата за повисоко ниво на хорска интерпретација почнаа да се одржуваат хорски проби надвор од планираната гимназиска програма, а амбициите за настапи и докажување пред домашната и странската јавност ги надминуваа наставните планови и програми. Набргу се приклучија и членови кои не се ученици во гимназијата.

Охридски хорВо хорот од неговото основање до денес пееле над 400 членови од кои во моментов активни се околу 100 членови кои работат во две постави - младински хор и хор од возрасни. Членството постојано се обновува, а друштвото е отворено за сите кои имаат желба и талент за пеење. Аудициите за нови членови се одвиваат преку целата година на сите проби. Во тек е формирање на детски хор.

Хорот ја пополни празнината која се појави по престанувањето на работата на некогашниот градски хор и им понуди можност на голем број љубители на хорското пеење од Охрид да се реализира нивниот талент и желба. По згаснувањето на градскиот хор можност за хорско пеење имаа само учениците во училиштата, а по завршувањето на нивното средно образование, немаше можност да продолжат со хорско пеење во градот. Формирањето на хорот беше логичен одговор на нивните потреби и барања.

Љубовта кон музиката и пеењето како и заедничкото дружење е главниот мотив на членовите на хорот. Настапувајќи на сите позначајни свечености во градот, хорот даде голем придонес за нивното реализирање и се наметна како значаен субјект од областа на културата во Охрид. Низ годините хорот се развиваше и остави бројни настапи во земјата и надвор од неа. Тој е своевиден културен амбасадор на градот Охрид и Република Македонија на настапите кои ги остварува во други градови и земји. 

Репертоарот е разновиден и опфаќа композиции од класичната и модерната музика. Застапени се црковни композиции како и обработки на популарни песни. Посебно внимание се посветува на хорките композиции од македонски автори, а меѓу најчесто изведуваните композиции се химните на Република Македонија и градот Охрид.

За диригентот

ОХРИДСКИ ХОР
ohrid_choir@yahoo.com
+389 70 836696

м-р Александар Димоски

Од формирањето до денес раководител на хорот е Александар Димоски. Роден е во Охрид 1977 година. Дипломирал (2000г.) и магистрирал (2005) на факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2000 година вработен е како наставник по музичка уметност во општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ во Охрид.  Работел и како соработник во средното музичко училиште „Тодор Скалоски - Тетоец“ - Тетово (Струга) и соработник во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Од 2003 година е раководител на Охридскиот хор а од 2008 и претседател на организацискиот одбор на Охридскиот хорски фестивал.

Охридскиот хорски фестивал е меѓу најуспешните проекти на хорот. Континуирано се одржува од 2008 година во втората половина на август. Добрата организација придонесе фестивалот да се афирмира во европски и светски рамки, а квалитетот на манифестацијата да расте. Досега учествувале околу 200 хорови од сите европски земји, а според нивните коментари фестивалот е најдобриот хорски фестивал во овој дел од Европа.